речник контакт

Што е Нова година?

Меридијански Новата година во Велес стигнува околу 23,35 часот

Петар Печков

Нова година се слави во сите краеви на светот речиси 4000 години. Научниците сметаат дека древните Вавилонци во областа на некогашна Месопотамија, први почнале да ја одбележуваат Новата година. Таа се славела како повторно раѓање на се во природата и било логично тоа да е на почетокот на пролетта кога се оживува.

Се смета дека Вавилонците го славеле доаѓањето на Новата година дури 11 дена. И старите Египќаните исто така го прославувале доаѓањето на Новата година. Во почетокот тоа било кон крајот на септември, во време кога Нил го поплавувал својот брег. Тоа било за Египќаните најважен ден во годината и означувал расцветување на растителниот свет, а со самото тоа и повеќе храна.

Нова година е ден што го означува времето на почетокот на нова календарска година. Според грегоријанскиот календар кој денес се смета за „официјален“ светски календар, Новата година е на 1-ви јануари. Тоа, како традиција останало од стариот Римски календар поставен пред околу 2700 години, по кој е и редоследот на месеците како што го знаеме денес (јануари-декември). Прославувањето на Новата година е еден од најстарите обичаи. Новата година веројатно први почнале да ја слават древните Кинези или пак старите Германи или Римјани.

Старите Германи со славењето всушност ја одбележувале смената на годишните времиња. Бидејќи зимата во нивните области почнувала во средината на ноември кога се завршувала жетвата, се собирале и се веселеле поради завршетокот на жетвата и претстојниот одмор. Така можеби настанал големиот празник: Нова година. По освојувањето на Европа, Римјаните во 153-та година пред нашата ера, го промениле датумот на славењето на Новата година на први јануари. Новата година ја славеле како симбол на почетокот на новиот живот и новите надежи за иднината.

Тој обичај и значење се задржале до денешен ден. Во Средниот век, во разни подрачја на светот, Новата година започнувала на различни датуми: на 1-ви март, 25-ти март, 1-ви септември, 25-ти декември и др. Така, во Англија и Велс, до 1751 година, Новата година започнувала на 25-ти март, а од тогаш е прифатен датумот 1-ви јануари. Русите пак, некаде до X-тиот век, Новата година ја дочекувале и славеле на први март, како датум на пристигнување на пролетта..

Во Јулијанскиот календар кој уште го применуваат некои цркви (Руската, Српската, Македонската), Новата година започнува на 13-ти јануари, од причина што овој календар доцни 13 дена зад новиот, Грегоријански календар. Кај нас датумот 13-ти јануари е познат уште како Стара Нова година (Нова година по стариот календар), православна Нова година (иако и многу православни цркви го прифатија и го употребуваат Грегоријанскиот календар) или под други називи.

Иако денес 1 јануари е прифатен за почеток на Новата година, многу народи низ светот задржале традиционално да го прославуваат овој празник во различни времиња, па така Кина, држава со најголем број на жители почетокот на годината го прославува во време на младата Месечина. Според движењето на Месечината почетокот на годината го сметаат покрај Кинезите и Јапонците, Индијците, Виетнамците и уште некои други народи, а останатите го сметаат според Грегоријанскиот календар меѓу 31 декември и 1 јануари.

Одбележувањето и украсувањето во чест на Новата година, не било отсекогаш онакво какво што го знаеме денес. Во многу христијански земји, некаде пред околу два века, новогодишното дрво (елка) почнало да се кити со ѕвезда на врвот, светкави украси, венци, снег, а нешто подоцна како симбол се јавил и Дедо Мраз.

Новогодишното дрво е симбол на древниот свет и претставува „космичко дрво“ кое покажува кон небото (вселената). Ѕвездата на врвот се поставува поради верувањата дека секој човек има своја ѕвезда која се појавува на небото во моментот на неговото раѓање и ја претставува неговата среќа.

Подароците пак се израз на желбата за благосостојба, па оттука украсувањето на домот, како и поставувањето на богати, свечени трпези. Инаку, поради Земјината ротација од запад кон исток како и поделбата на часовни зони, Новата година не пристигнува едновремено на целата Земјина топка. Првин започнува на островот Каролина (Република Кирибати), кој е речиси на самата Меѓународна датумска граница на Пацификот (всушност сосема малку позападно од датумската граница).

Потоа доаѓа во Нов Зеланд, па во Австралија, во делови на Источна Азија, потоа во Централна и во Западна Азија. По десетина часа, Новата година ќе дојде во Европа, Африка, а уште 5-6 часа подоцна и во Америка. По речиси 24 часа откако настапила на островот Каролина, Новата година доаѓа и до последните места на Земјата-неколку групи острови сосема малку поисточно од датумската граница.
Инаку, според официјалното, централноевропско време (кое е по 15-тиот степен и.г.д.),

Новата година во Република Македонија настапува на целата територија точно на 1-ви јануари во 00 часот. Меѓутоа, бидејќи нашата држава е значително по на исток (20-23 степени и.г.д.) од централниот меридијан на средноевропското време, по реалното, локално (меридијанско) време, Новата година ќе дојде околу половина час порано, односно околу 23.30 часот.

Првин ќе настапи во најисточните делови на нашата држава (Пехчево, Берово, Делчево), потоа минута по минута подоцна во централните делови и по 10-тина минути, ќе дојде до најзападните делови на нашата држава (Дебарско).
Како и да е, Ви посакуваме среќна и исполнета Нова 2014 година!

 текстот е преземен од   порталот igeografija.mk

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »